
Кратењето на Првата лига од 12 на десет екипи и испашањето на дури три екипи, а две да играат бараж за опстанок во елитата, го раздвижува трансфер пазарот во македонскиот фудбал. Прволигашите носат засилувања со цел да бидат конкурентни следната сезона во остварување на своите цели.
Екипата на Арсими кој за првпат ќе игра во елитата претстави уште едно странско засилување се работи за Амер Дрљевиќ од Босна и Херцеговина. 31-годишниокт настапуваше за Славија, ОФК Олимпик и Горазде.
Прволигашот Пелистер ја продолжи соработката со Христијан Грозданоски, кој останува уште една сезона во дресот на битолскиот прволигаш. Грозданоски минатата сезона одигра 27 натпревари, а се работи за централен дефанзивец.
Шкупи го претстави младиот играч од средниот ред, 20-годишнито Адонис Милај. Станува збор за фудбалер од Косово, а кој доаѓа настапуваше во германскиот фудбал за младинските тимови на Борусија Менхенгладбах, а потоа беше и во пониските лиги.
Новото засилување на Шкупи е поранешен репрезентативец на Косово до 19 години. Претходно, прволигашот од Чаир го претстави 21-годишниот дефанзивец Емре Кадри.
Николче Шаркоски не ја продолжува соработката со Вардар, 31-годишниот прилепчанец е слободен и кариерата ќе ја продолжи во нова средина. Се работи за искусен фудбалер кој низ својата кариера покрај за Вардар, настапуваше и за Воска Спорт, Работнички, Брера Струмица, прилепска Победа и 11-ти Октомври.
Со Вардар го освои Купот на Македонуија минатата сезона, а во Првата лига има одиграно 215 натпревари.
Прволигашот Силекс втората фаза од подготовките ја реализира во Банско, Бугарија, а денес се играше и пријателски натпревар со Дрита од Косово.
Прволигашот од Кратово се подготвува за првото квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА, а за противник го има Дечиќ од Црна Гора.
Како што информираат од клубот, на 10 јули на платото пред Домот на културата „Лазар Софијанов“ во Кратово ќе се организира заедничко гледање на првиот натпревар од квалификациите за Конференциската лига на Силекс со Дечиќ кој се игра во Тузи, Црна Гора.
Натпреварот ќе започне во 20 часот, а сите симпатизери и верните „Кратери“ ќе се соберат половина час порано пред Домот на култура и заеднички ќе го следат натпреварот кој го игра Силекс во Црна Гора.
Александар Ванев, М-Нет