
Фудбалскиот клуб Пелистер се раздели со тренерот Срѓан Захариевски, па со тоа битолскиот прволигаш ќе добие нов тренер кој ќе го води тимот во новата сезона од Првата македонска фудбалска лига.
Клубот и тренерот спогодбено се разделија, а како што истакнаа од управата на клубот наскоро ќе биде именуван наследникот на Захариевски.
Искусниот стратег не се задража многу во Битола, пристигна зимата 2025 година и го водеше Пелистер во пролетниот дел од сезоната 2024/2025. Под водство на Захариевски екипата на Пелистер заврши на шестото место на табелата и избори директен опстанок во елитата што беше главна цел на битолчани.
Клубот му се заблагодарува за професионалноста и стручноста и му посакува успех во понатамошната кариера.
Новата сезона ќе биде вистински предизвик за прволигашите пред се кога е во прашање опстанокот, бидејќи три екипи директно ќе испаѓаат, а две ќе играат бараж за опстанок, а ова доаѓа поради кратењето на лигата, бидејќи Прва лига ќе се скрати од 12 на десет екипи.
Александар Ванев, М-Нет