
Денес, во просториите на Општина Штип, градоначалникот Иван Јорданов оствари прием на младите членови на Таеквондо клубот од Штип, кој за само една година од своето постоење веќе постигна исклучителни резултати – освојувајќи вкупно 18 медали на првиот таеквондо турнир организиран во Штип.
Градоначалникот Јорданов упати срдечни честитки до младите спортисти за нивната посветеност, труд и спортски дух, како и до докажаните тренери Сашко и Жарко Арсовски, кои со своето искуство и во каратето, сега бележат нови успеси и во оваа олимписка дисциплина.
„Таеквондото како олимписки спорт има суштинска улога во развојот на спортската култура во нашиот град. Тоа е дисциплина која ќе биде достоинствен промотор на Штип и Македонија на национално и меѓународно ниво,“ истакна Јорданов.
Во рамки на приемот, беше најавено дека Спортскиот центар „Џексон“ ќе биде ставен во функција до крајот на оваа година, со капацитет од 1.000 гледачи, а ќе биде наменет за сите спортски клубови и спортисти од Штип.
Градоначалникот упати порака до младите таленти дека континуираната посветеност и работа се клучни за успехот, а Општина Штип останува партнер и поддржувач на спортските иницијативи и развојот на младите. Воедно, Јорданов најави и нова инвестиција – изградба на специјализирана спортска сала за боречки вештини, која се очекува да биде реализирана во текот на 2026 година.