
Штип има шаховска школа, а младите сега повеќе го сакаат шахот и пројавуваат интерес за истиот. Најмладиот член на шаховскиот клуб Нов Напредок има десет години, а пак највозрасниот има 77 години, тоа е секретарот на клубот. Донче Јорданов.
Како што вели за М Нет телевизија денес младите имаат поголем интерес за шахот, а во Македонија има околу 30-тина клубови кои се регистрирани во шаховската федерација.
„Младите сега повеќе го сакаат шахот, бидејќи имаат подобар пристап на интернет гледаат партии, да се заинтересираат. Инаку не е мал број на клубови некаде околу 30-тина клубови има регистрирано во шаховската федерација, но и се повеќе и повеќе се јавуваат нови клубови во градовите каде што нема“, вели Јорданов.
Клубот од Штип врши уписи на нови членови кои сакаат да ги направи првите чекори со шахот и да се запознаат со овој спорт.
„Ние редовно организираме имаме шаховска школа и неа ја посетуваат десетина ученици. Редовно организираме турнири по школите, имавме на 21 мај по повод патрониот празник на СОУ „Коле Нехтенин“ се одржа еден поголем, помасовен турнир на средношколци и основци. Средношколци имаше 16, а основци девет души. Ние постојано тие турнири ги организираме во соработка со училиштата. Кое училиште ќе пројави поголем интерес таму ние организираме со сета логистика“, вели Јорданов за М Нет телевизија.
Интересот за шахот во Штип сега е поголем, една од причините е што шаховскиот клуб Нов Напредок има свои простории со што се створени одлични услови вели Јорданов кој воедно е највозрасниот член на шаховскиот клуб Нов Напредок од Штип. Клубот сега се бори за опстанок во Првата шаховска лига на Македонија.
„Највозрасниот член тоа сум јас имам 77 години, интересот за шахот во Штип е сега малку поголем, бидејќи последните две години благодарение на нашиот претседател Емил Насев ги имаме овие простории, имаме услови да игра играме. Освен тоа, учествуваме во натпреварите на шаховската федерација на Македонија и таму прво поминавме низ квалификации за Втора лига, во Втора лига освоиме прво место и оваа година ќе се бориме за опстанок нормално затоа што сме нови во Првата лига на Македонија“, раскажува Јорданов.
Шахот е спорт кој бара доста високо ниво на концентрација, стратегиско размислување, меморија и анализа. Меѓународниот олимписки комитет (МОК) го признава шахот како спорт, а исто така и многу национални спортски федерации.
Александар Ванев, М-Нет