Отворен фестивалот за храна во Штип, денес и утре градот ќе живее во ритамот на музиката

Официјално започна долгоочекуваниот „Shtip Street Food Festival“ на новото шеталиште во Штип. Од 12 часот, сите штандови беа подготвени да понудат богат избор на храна од светската кујна, разни пијалаци и вкусни десерти, во атмосфера збогатена со добра музика и позитивна енергија.
Настанот, кој има за цел да го збогати културно-туристичкиот живот во градот, привлече голем број посетители уште во првите часови.
Градоначалникот Иван Јорданов изјави дека е особено среќен што временските услови дозволија настанот да се реализира според планираното

,,Навистина ми е драго што временските прилики ни дозволија да конечно започне најавениот ивент ,,Shtip Street food Festival” на шеталиштето Ванчо Прќе. Денес и утре ќе биде изложена добра храна. Настанот нема да биде единствен кој ќе ги анимира штипјани, Штипско Културно лето има богата програма, Д фестивалот, пастрмалијадата како еден добар настан, макфест и сл.”, рече Јорданов

Граѓаните велат – конечно нешто убаво после несаканите настани, нешто што го обединува градот. Местото се наполни со смеа, музика и позитивна енергија.

Сите оние кои што денес дојдоа во Штип да понудат вкусна и светска храна, за нашата телевизија истакнаа дека им е особено чест да презентираат нешто нескојдневно и во градот под исарот.

Фестивалот продолжува и во наредните денови – со музика, нови вкусови и програма што ќе го збогати градскиот живот. А штипјани – веќе се радуваат на следното издание.

Иван Митев, М-Нет