СВР Штип со апели за претстојните матурски вечери, сопствениците на угостителските објекти и објектите за прослави за „афтерите“ да ги почитуваат законите

Во екот на матурските прослави, СВР Штип излегува со сериозно предупредување – нема компромис кога станува збор за безбедноста на младите!

Сопствениците на угостителски објекти и простори изнајмени за прослави добиваат јасна порака: Строго придржување до законите! Без точење алкохол на малолетници, без надминување на дозволеното работно време, и со максимална грижа за безбедноста на сите гости.

Во периодот кој следува, a е карактеристичен по организирање на матурските прослави, СВР Штип апелира и укажува на сопствениците на угостителските објекти доследно да ги почитуваат законските норми и правила, а особено во однос на точење алкохол на малолетници, почитувањето на работното време, исто така и за сопствениците на објекти кои ги изнајмуваат за прославување на после матурската вечер да ги преземат сите неопходни мерки и активности за безбедност на гостите во објектите и да ги почитуваат законските норми и правила. СВР Штип им го честита матурирањето на учениците од средното образование со пораката „Одговорно слави го успехот“. Со одговорно однесување и почитување на законите сите заедно ќе придонесеме за безбедно организирање на сите поголеми собири и прослави, а не само на матурските забави.

Од полицијата апелираат до сите организатори и родители да покажат одговорност и зрелост во овој важен период за младите. Матурирањето е голем успех – но тоа не смее да прерасне во трагедија.

Одговорно слави го успехот“ – е пораката што СВР Штип им ја испраќа на матурантите низ источниот регион, со цел сите прослави да поминат без инциденти, безбедно и достоинствено.

Иван Митев, М-Нет