Утре се играат натпревари од последното коло во Трета лига – Исток, дерби во Берово и Карбинци!

ФОТО: АРХИВА

Утре ќе бидат одиграни натпреварите од последното 18. коло на Третата македонска фудбалска лига – Исток со што ќе заврши актуелната сезона 2024/2025, а потоа ќе остане само одигрување на бараж натпреварот.

Во рамки на последното коло во Берово ќе се одигра големото дерби меѓу Малеш и Брегалница од Делчево, а веќе атмосферата во Берово за дербито се разгорува. Малеш ќе сака да триумфира и со тоа би можел да заврше и на петтото место на табелата, но победата повеќе е и за престиж поради ривалството.

Брегалница има успешна сезона зад себе и без разлика на исходот сигурно ќе заврши на второто место, но тимот од Делчево ќе сака победа во дербито.

Карбинци и Светлост од Зрновци, исто така ќе одиграат дерби меч каде двете екипи целат на трите бодови и со тоа сезоната да ја заврши со максимум петто место. Двете екипи сега го делат петтото место со по 21 бод.

Поранешниот прволигаш Хоризонт Турново ќе се соочи со Тиверија, а овој меч ќе се игра во Струмица. Победа за Тиверија ќе значи и можност да ја заврши сезоната како претпоследна, а пак Турново ќе сака победа, а притоа да се надева на кикс на Овче Поле и така да заврши на третото место.

Во Свети Николе екипата на Овче Поле ќе го пречека шампионот Слога Виница, кој ќе биде фаворит за нова победа и ќе сака победа и победнички да патува во баражот за влез во Втората лига. Тимот од Свети Николе ќе бара позитивен резултат со цел да го сочува третото место.

На Југот ќе се игра дерби меѓу Дојранско Езеро и Ударник, трите бодови се императив и за двете страни. Тимот од Дојран ќе сака победа и со тоа можност за освојување на петтото место, а пак тимот од Пирава ќе сака победа и да заврши како претпоследен на табелата.

Александар Ванев, М-Нет