
Големото скопско дерби од 6. коло на плеј-офот на ракометната Суперлига меѓу Алкалоид и Вардар заврши без победник 26:26, откако Милан Лазаревски постигна гол за поделба на бодовите.
Во дербито кое се играше во Автокоманда најдобар стрелец кај Алкалоид беше Мартин Серафимов со осум гола, а кај Вардар најпрецизен беше Вуко Борозан со седум гола.
Охрид преку пресврт на домашен терен загуби од Бутел, со што тимот од Скопје дојде до прва победа и први бодови во плеј-офот, откако триумфираше во спортската сала „Билјанини Извори“ со 29:31, а на полувреме охриѓани имаа предност од 17:14.
Гал Цирар беше најдобар кај Охрид со седум гола, кај Бутел се истакнаа Димитар Узунчев и Христијан Милошески со по седум погодоци.
Шампионот Еурофарм Пелистер преку пресврт го доби Тиквеш на домашен терен со 29:25, откако на полувреме екипата од Кавадарци имаше предност од еден гол односно 11:12.
Дејан Манасков беше прво име кај Еурофарм Пелистер со десет гола, кај гостинскиот тим најдобар беше Славчо Шулески со шест гола.
Во плеј-аутот екипата на Струга со 22:20 забележа огромна победа над Пролет во битката за директен опстанок, односно да се избегне баражот. Стружани одиграа одличен меч кој го добија преку пресврт откако на полувреме имаа негатива од 9:10, а во вториот дел направија пресврт за конечни 22:20.
Лазар Ристиќ со седум гола беше прво име кај Струга, а кај Пролет Андреј Стојановски имаше пет гола.
Радовиш на домашен терен загуби од Куманово со резултат од 25:26, меч кој имаше неизвесна завршница, откако гостинот не го искористи својот напад, па радовишани тргнаа во напад по реми, но не реализираше и така бодовите заминаа за Куманово.
Кај Радовиш се истакнаа Славе Јанковски и Игор Чиселиов со по шест гола, кај гостинот прв стрелец беше Давид Димевски со девет гола.
Слободна екипа во рамки на ова рунда од плеј-аутот беше Прилеп.
Александар Ванев, М-Нет