Прогласени шампионите во Трета лига – Исток, Север и Запад, пред прогласување на шампионот во Трета лига – Југозапад и Југ!

Веќе и официјално имаме три шампиони во Третата македонска фудбалска лига, остануваат уште во два региони да бидат прогласени шампионите.

Екипата на Слога Виница во недела ќе го подигне шампионскиот пехар во Трета лига – Исток, тимот на штипскиот стратег Емил Грнев против Карбинци го игра последниот домашен натпревар.

Шкендија Арачиново претходно стана шампион во Трета лига – Север, а во Трета лига – Запад шампион стана ланскиот второлигаш Тетекс.

Пред прогласување на шампион во Трета лига – Југозапад е екипата на Преспа, а најнеизвесно е во Трета лига – Југ, каде шампион треба да биде Големо Коњари.

Речиси сигурно е дека Осогово ќе игра бараж за опстанок во Втора лига, па на тој начин ги имаме сите екипи кои ќе играат во баражот за Втора лига.

Тоа се екипите на Слога Виница, Шкендија Арачиново, Тетекс, Преспа, Големо Коњари и Осогово.

Сезоната во Првата, Втората и Третата лига ќе се комплетира до 18 мај, а потоа ќе останат да се одиграат баражите со што ќе се спушти завесата за сезона 2024/2025.

Александар Ванев, М-Нет