
Овој викенд ќе бидат одиграни натпреварите од 6. коло на плеј-офот и плеј-аутот на ракометната Суперлига.
Шестата рунда од плеј-офот се отвара вечерва со два натпревари. Шампионот Еурофарм Пелистер ќе игра против Тиквеш каде битолчани ќе бидат фаворити за триумф и немаат право на грешка, откако во претходното коло загубија од Вардар. Тиквеш во Битола оди по изненадување.
Во спортската сала „Билјанини Извори“ екипата на Охрид како фаворит ќе го пречека тимот на Бутел, каде домаќин ќе сака победа за потврда на четвртото место што е главна цел, а пак гостинот доаѓа по прва победа и први бодови во плеј-оф сегментот.
Утре во салата во Автокоманда ќе се одигра дербито на колото меѓу Алкалоид и Вардар, дерби кое на вардарци им е повеќе од значајно за титулата и за сочувување на првото место, бидејќи со пораз може да го загубат првото место.
Повеќе од сигурно Алкалоид кој обезбеди европско финале против Вардар ќе сака да одигра во своето најдобро издание како би забележал победа откако во првото соочување од плеј-офот забележа пораз.
Во плеј-аутот екипата на Струга утре на домашен терен ќе игра против Пролет, каде стружани ќе сакаат победа со цел да го избегнат претпоследното место кое води кон баражот за опстанок. Пролет ќе биде фаворит на мечот, а императивот за победа е голем и кај двете екипи.
Радовиш на домашен терен в недела ќе го пречека Куманово, каде тимот на Игор Котевски оди по победа со цел да прогреси на табелата и така да го избегне баражот за опстанок. Куманово на претходното соочување во плеј-аутот триумфираше над Радовиш на домашен терен, а сега радовишани ќе сакаат да вратат за тој пораз.
Како што е познато од лигата е исклучена екипата на Борец ФЛ од Велес, па тоа значи дека до крајот на плеј-аутот сите натпревари на велешани ќе бидат регистрирани со 10:0 за противниците, а од контото на Борец ФЛ ќе се одзема по еден бод. Токму поради тоа во рамки на 6. коло во плеј-аутот слободна ќе биде екипата на Прилеп.
Александар Ванев, М-Нет