
Пожарот во Кочани зема уште една жртва, почина Стојанче Стефанов од Кочани кој се лекуваше во Белград. Министерството за здравство информира дека согласно информациите од Воено Медицинската Академија во Белград, денеска претпладне Стефанов и подлегнал на повредите.
„Станува збор за пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови е веднаш упатен на лекување во Воено Медицинската Академија во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец. Станува збор за пациент со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување на чад. Во ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО апарат, преку кој се оксигенира крвта преку машина, заради вдишаниот чад. Но, заради сериозноста на повредите, тој поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба. Министерството за здравство изразува најдлабоко сочувство до фамилијата и до сите засегнати од трагедијата во Кочани“, се вели во соопштението.
Ова е 62 жртва од пожарот во дискотеката во Кочани.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет