Дерби на Карбинци и Малеш од Берово, Овче Поле ќе гостува во Турново, Тиверија во обид да стави крај на лошата серија резултати!

Во недела ќе бидат одиграни натпреварите од 14. коло на Трета лига – Исток, каде во рамки на истото ќе се одигра дерби меѓу Карбинци и Малеш од Берово. Ова ќе биде дерби натпревар на два стари познаници, а сигурно е дека трибината на фудбалскиот терен во Карбинци ќе се исполни со публика и поддржуваше за домашниот тим, но сигурно е дека ќе допатуваат поддржувачи и на гостинот од Берово. Во секој случај, се очеквуа неизвесен и интересен натпревар.

„Фенерџијата“ Тиверија ќе бара излез од резултатската криза и конечна победа против Дојранско Езеро, каде ќе биде повеќе од тешко гостување за струмичкиот тим бидејќи домаќинот ќе биде голем фаворит во трката за освојување на второто место што е цел на тимот од Дојран.

Ударник конечно забележа победа во претходното коло токму на Тиверија во Струмица и сега максимално мотивиран ќе бара триумф и против Брегалница од Делчево со цел тимот од Пирава да фати приклучок во борбата сезоната да ја заврши барем на некое повисоко место, иако тоа ќе биде навистина тешко.

Второпласираниот Овче Поле ќе гостува кај Хоризонт Турново каде гостинот од Свети Николе ќе ја има на себе фаворитската улога против некогашниот прволигаш кој ќе се обиде да се поправи после големиот пораз кој го имаше во Виница во претходното коло.

Екипата на Светлост во Зрновци ќе го пречека лидерот Слога Виница со што повеќе од јасно е дека гостинот ќе биде апсолутен фаворит за нова победа на патот кон баражот за можен влез во Втора лига.

Сите натпревари од 14. коло на Трета лига – Исток ќе започнат во 16 часот.

Александар Ванев, М-Нет