
Во сабота ќе се играат натпреварите од 22. коло на Втората македонска фудбалска лига, а истото носи неколку возбудливи натпревари. Практично следните три до четири гола ќе дадат јасна слика каква завршница ќе имаме од сезоната и кога е во прашање борбата за местата кон Прва лига, но и кога е во прашање опстанокот во Втора лига.
Осогово на домашен терен ќе игра против Македонија ЃП, оваа ќе биде прв домашен натревар на „жетварите“ после големата трагедија во Кочани, меч кој ќе биде со емоции за домашниот тим, а кој влезе во сериозна трка и за директен опстанок во Втора лига, особено после големата победа во претходното коло против Борец.
Лидерот Македонија ЃП во Кочани нема право на грешка бидејќи со реми или пораз може да го загуби првото место, секако дека „лавовите“ кои се фаворити освен тоа што сакаат експресно да се вратат во Прва лига, сакаат да бидат и шампиони во Втора лига. Натпреварот ќе биде од капитална важност и за двете екипи.
Борец со поразот во претходното коло токму од Осогово се одалечи од опстанокот во Втората лига, а фактот што загуби од двата конкуренти за опстанок како Осогово и Вардарски, велешани сега се пред тешка задача и за баражот. Пред Борец е тешко и незгодно гостување во Автокоманда против Скопје, каде ќе мораат да изнајдат начин како да триумфираат, бидејќи со пораз ќе влезат во резултатска криза, а тоа ќе значи и се помали шанси за опстанок.
Саса на домашен терен ќе игра со Беласица, двете екипи сакаат сезоната да ја завршат што повисоко на табелата. Саса има 32 бодови и се наоѓа на петтото место на табелата и со победа ќе го сочува истото, а пак Беласица со триумф ќе може да прогресира до седмата позиција.
Новаци е во најлоша форма на последните пет натпревари од сите екипи, бидејќи има само еден освоен бод од можни 15. На домашен терен Новаци ќе игра со Охрид и ќе мора да триумфира со цел да има бодовна дистанца од бараж зоната, бидејќи со пораз ќе влезе во неизвесна завршница за опстанок.
Башкими кој е во најдобра форма на последните пет натпревари со пет победи и освоени максимални 15 бодови го дели врвот од табелата со Македонија ЃП, а тимот од Куманово сега ќе гостува кај Победа во Прилеп каде ќе бара продолжување на победничката низа. Прилепчани и со бод ќе бидат задоволни од овој за нив тежок меч, а во трката за потврда на опстанокот.
Брегалница ќе гостува во Гевгелија кај Кожуф, каде штипјани одат со цел враќање на победите после ремито со Скопје на домашен терен, бидејќи немаат право на нов кикс. Кожуф на домашен терен е тврд противник, а Брегалница ако сака да биде во чекор со водечките екипи ќе мора да трите бодови во Гевгелија, во секој друг случај може да има тешка завршница од сезоната во трката за првите две места.
Вардар Неготино во сабота не смее да погрешки, бидејќи со пораз ќе влезе во сериозна комплицирана борба за опстанок бидејќи има само четири бодови над бараж зоната, а тоа значи и сериозен притисок на мечот против Детонит Плачковица. Екипата од Неготино има три порази во низа.
Вардарски на домашен терен го очекува тежок меч со Арсими, каде трите бодови се императив и за двете екипи. Вардарски со пбоеда може да го фати последниот воз за опстанок во Втората лига, а пак Арсими не смее да загуби во Богданци, ако сака да го продолжи притисокот за местата кои директно водат кон Прва лига.
Сите натпревари од 22. коло на Втората лига ќе започнат во 15 часот.
Александар Ванев, М-Нет