
Синоќа со два натпревари се комплетираше последното 22. коло од регуларниот дел на Суперлигата, со што сега ќе започне плеј оф и плеј аут сегметот, а познато е и кои екипи по колку бодови пренесуваат за оваа фаза од натпреварувањето.
Натпреварите започнаа со минута молк и во Радовиш и во Автокоманда.
Екипата на Радовиш ја забележа само втората сезонска победа, а прва за новиот тренер Игор Котевски, откако радовишани на домашен терен преку пресврт го добија Куманово со 28:25.
Радовишани се загреваа со црни маички на кои пишуваше Кочани и датумот на големата трагедија која се случи, каде животот го загубија 59 лица. Мечот одлично го отвори Куманово каде имаше 1:4, а потоа Радовиш израмни и започна играта гол за гол, а до крајот на првиот дел Куманово направи два гола предност за 14:16 на полувреме.
Во вториот дел Радовиш заигра подобро и во финишот од мечот направи два до три гола предност и на крај мечот го доби со 28:25.
Најдобар кај Радовиш беше Ивица Илиев со седум гола, а кај Куманово десет реализации имаше Давид Димевски.
Алкалоид со 29:26 беше подобар од Охрид во дербито кое се играше во Авткоманда, но победа која се славеше и во Битола бидејќи шампионот Еурофарм Пелистер е прв и пренесува три бодови во плеј офот.
Лошо прво полувреме за охриѓани, Алкалоид на полувреме имаше 17:12, а во вториот дел Охрид заигра подобро, но на крај сепак загуби со 29:26.
Најдобар кај Алкалоид беше Серафимов со осум гола, а кај Охрид се истакна Орјоникидзе со девет погодоци, но мечот го заврши порано поради повреда.
Претходно, Еурофарм Пелистер го декласираше Прилеп со 22:35, Бутел го доби Пролет со 23:21, Тиквеш славеше против Борец Ф.Л. со 29:24, а пак Вардар беше пресилен за Струга со 40:26.
Оваа значи дека во плеј офот шампионот Еурофарм Пелистер пренесува три бодови, по два бодови пренесуваат Алкалоид и Вардар, по еден бод Охрид и Тиквеш, а бодови во плеј офот нема да пренесе Бутел.
Во плеј аутот три бодови пренесува Пролет, по два бодови Прилеп и Куманово, по еден бод Борец Ф.Л. и Струга, а бодови нема да пренесе Радовиш.
Од Суперлигата испаѓа последната екипа во плеј аутот, а пак претпоследната екипа игра бараж против втората екипа од плеј офот на Првата лига на неутрален терен.
Александар Ванев, М-Нет