
Виничанецот Јован Костадинов како вистински херој пречекан во гимназијата „Ванчо Прќе“ во Виница. Средношколците со аплауз и прегратки го пречекаа Костадинов кој кобната ноќ во дискотеката во Кочани спасил 21 човечки живот. На својот фејсбук профил, министерот за здравство, Арбен Таравари, напиша дека Јован е херојот на целата држава.
„Постојат моменти кога зборовите не се доволни, а ова е еден од нив. Како да се опише душа толку храбра и несебична, која во мигови на паника и опасност не помисли на себе, туку само на другите?
Јован, кој има само 19 години, постапил како вистински херој. Влегувал повторно и повторно, не еднаш, не двапати, туку повеќе од 20 пати, за да помогне на оние што биле заробени во пламените. Го ризикуваше сопствениот живот за да спаси други.
Неговото тело ги носи лузните од неговото јунаштво, но неговото срце носи нешто далеку поголемо: почитта, восхитот и љубовта на цела нација.
Јован не е само херој на Кочани. Тој е херој на целата наша држава. Симбол на тоа што значи да се стави човечноста над стравот. Потсетник за сите нас колку многу може да направи еден човек со големо срце.“ – пишува Таравари.
Јован Костадинов ќе добие и плакета за храброст и хуманост од Општина Виница на патронот на градот, однонсо на Павловден.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет