Шаховскиот клуб Нов Напредок по вторпат го организира Меѓународниот турнир „Штип Опен 2025“, ќе се одржува во сабота!

Шаховскиот клуб Нов Напредок од Штип, по вторпат ќе го организира Меѓународниот турнир „Штип Опен 2025“, а кој ќе се одржува на 15. март, сабота.

Турнирот ќе биде во категорија рапид шах односно забрзано темпо на играње од по 10 минути за секој играч, со додаток од пет секунди за секој потег, почнувајќи од првиот. Тоа значи дека играчите своите потези мораат да ги направат побрзо, но сепак имаат време за размислување, што ја прави играта динаминчна.

Овој Меѓународен турнир е потврда за тоа дека за шахот како спорт во Штип интерес има и дека истиот се развива.

На турнирот во Штип учество ќе земаат натпреварувачи од пет држави, односно од Македонија ќе бидат над 80, од Албанија четири натпреварувачи, од Бугарија ќе бидат 11 учесници, од Грција пет и од Србија 19 натпреварувачи, од нив 12 се велемајстори, 14 интернационални мајстори и 11 фиде мајстори.

Второто издание од Меѓународниот турнир „Штип Опен 2025“ ќе започне во 10:30 часот.

Александар Ванев, М-Нет