
Утре се играат натпреварите од 20. коло на Втората македонска фудбалска лига, а гледачите на М Нет телевизија ќе имаат можност да проследат два натпревари, кои ќе може да ги следите и на YouTube каналот на Фудбалската федерација на Македонија, со што се потврдува нашата голема соработка со ФФМ.
На М Нет ќе може да го следите дербито од дното за опстанок на Вардарски и Борец, ова е меч каде и двете екипи немаат право на грешка, дерби кое ќе се покаже клучно кога е во прашање опстанокот.
Вардарски е во ситуација каде не може да калкулира и ќе мора да ги освои трите бодови, во секој друг случај тимот од Богданци ќе биде без никакви шанси за директен опстанок, а пак шансите за бараж исто така ќе ги сведе на минимум. Борец е во ситуација каде со триумф ќе ги зголеми шансите не само за бараж туку и за директен опстанок и токму затоа и велешани немаат право на грешка.
Преносот од овој натпревар ќе може да го следите во живо на М Нет телевизија.
Каменица Саса се враќа на Градскиот стадион во Македонска Каменица, публиката и навивачи одново ќе може да следи фудбал во малото рударско гратче.
Саса го пречекува лидерот Македонија ЃП во натпревар каде „рударите“ сакаат триумф и да се обидат да конкурираат за четвртото место, но и ако успеат да изненадат за трето место и бараж.
Македонија ЃП нема право на грешка во Македонска Каменица, каде повеќе од сигурно ја очекува незгодно гостување, а во првото нивно соочување во Ѓорче победник немаше, двете екипи ремизираа играјќи 1:1.
„Лавовите“ после поразите од Башкими и Победа се вратија на победите во претходното коло, но ја прокоцкаа бодовната залиха и сега имаат само два бода повеќе од Башкими кој е втор, што значи утрешниот натпревар во Македонска Каменица ќе биде важен за „лавовите“. Пораз може да значи и второ место, а на врвот да избие Башкими, ако триумфира против Охрид.
Во секој случај не’ очекува квалитетен и неизвесен натпревар, а токму истиот ќе можете да го следите во директен пренос на спортскиот канал М Нет Спорт.
Преносот од Македонска Каменица ќе започне во 14 часот.
Александар Ванев, М-Нет