
Минималната плата треба да се покачи на 31 илјада денари вели претседателката на „Гласен текстилец“, Кристина Ампева. Децидна дека сегашните нешто над 1400 денари кои треба да ги добијат работниците во март е усогласување на платите со трошоците, а не покачување на минималната плата.
„Покачување на платата во март, да појаснам тоа не е покачување тоа е усогласување на платата со трошоците за живот и ќе биде околу 24 илјади денари. Трошоците за живот постојано се зголемуваат и сметам дека минималецот треба да биде 31 илјади денари.“ – вели Ампева.
Малите плати се причина поради која работниците бегаат на работа во странство, а за тоа свесни се и работодавачите, додава Ампева. Вели дека платата може да се покачи на 31 илјада денари, да се замрзнар придонесите со што дополнително ќе се намали и сивата економија.
„Верувам дека ако се замрзнат придонесите ќе се намали сивата економија, оти работодавачите нема да даваат плати во плик и нема да ги држат работниците неосигурани, така да сметам дека тогаш сите пари ќе се влеваат во фондот и работниците ќе добиваат плати и ќе ја намалиме сивата економија.“ – додава Ампева.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, бројот на слободни работни места е зголемен, најмногу во областа на храна, но недостасуваат и научници и стручњаци.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет