Принова од диви овци и домашни кози има во ЗОО паркот „Бриони“ во Штип

Принова од диви овци и домашни кози изминатите денови има во ЗОО паркот Бриони во Штип. Како што вели Божиков животните постојано се размножуваат во текот на годината, а тие водат строга едвиденција за тоа колку нови животни има или пак колку угинале.

„Последните денови имаме принова од дивите овци од видот на муфлони и алпина кози, тоа се домашни кози исто така и од нив имаме една принова. Редовно во текот на годината се размножуваат животните, а има и такви кои угинуваат – а ние водиме строга евиденција“ – вели Божиков.

Животните добиваат соодветна нега и грижа, а согласно условите во кои живеат имаат можност да се размножуваат. Во текот на зимскиот период добиваат поголема количина и поквалитетна храна и соодветно греење. Ова придонесе оваа зима да нема поголеми проблеми кога е во прашање здравјето на животните.

„Објектите се прилагодени и амбиентално и просторно согласно видот, бројот, големината и потребите на животните. Сите тие се со цврста градба, добра изолација, со врати кои ги затвораме во најстудените часови од денот. Што се однесува до храната, таа е појачана како квантитативно така и квалитативно, така што добар дел од животните се погодени.“ – додава Божиков.

Со подобрување на временските услови се зголемува и посетеноста на ЗОО паркот Бриони во Штип.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет