Проектот „Безбеден град“ во Штип ќе се имплементира во втора фаза, општините и сами ќе поставуваат камери

Проектот „Безбеден град“ во Штип ќе се имплементира во втората фаза согласно проектот на Министерството за внатрешни работи. Дополнително за безбедноста на граѓаните ќе придонесат и камерите кои ќе бидат поставени од страна на самите општини. Министерот, Панче Тошковски, истакна дека се прават напори да се зголеми безбедноста, но и да се намалат сообраќајните несреќи во државата.

„Штип секако е вклучен во рамките на имплементацијата на проектот на Министерството за внатрешни работи, а секако една инвестиција во секоја Општина во делот на зголемување на степенот на безбедноста, самоиницијативно во рамките на своите буџети апсолутно ќе биде добредојдена. Но, тој тип на камери коишто се набуваат од страна на општините, да речеме секако ќе бидат ставени во функција заедно со капацитетите на министерството“ – вели Тошковски.

Тошковски истакна дека овие камери кои ги поставуваат општините ќе имаат еден друг степен на употребливост, односно какошто вели нема да бидат врзани во рамките на проектот „Безбеден град“. Тој забележа дека ваквите проекти кои ги реализираат Штип и уште неколку општини во земјава се од интерес за македонските граѓани и за зголемување на степенот на безбедност и како министерство ги поддржуваат ваквите проекти.

Во прва фаза се имплементира проектот „Сејф сити“ во Скопје, Куманово и Тетово додека во втора фаза ќе го имплементира низ цела Македонија. Инаку, Тошковски, денеска заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов и пратениците, присуствуваа на караванот на МВР „Од вас, за вас“.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет