Како минусните температури влијаат врз овошните насади?

Променливо време и ниски температури кои во текот на ноќта се спуштаат до – 12 степени, како ваквите температурни разлики влијаат врз овошките. Со оглед на фактот дека дел од овошките како кајсиите на пример се во фаза на бабрење, може да дојде до измрзнување, вели професор Виолета Димковска, но додава дека конечниот резултат ќе се знае по завршување на студениот бран.

„Може да кажеме дека пред сѐ може да има влијание на насади коишто се на јужно изложение, тоа се кај посебни видови овошки кои рано цветаат. Веќе имаме бабрење на цветните папки како кај кајсијата, бадемот. Дали овие ниски температури ќе имаат влијание изразено преку измрзнување во моментот не можеме точно да кажеме, треба да помине ладниот бран па да се види ситуацијата на терен.“ – вели Димовска.

Ако ниските температури продолжат и наредниот месец, во тој случај сигурно ќе измрзнат дел од овошките кои ќе бидат во фаза на цветање. Дополнително ќе има намален принос на овошките кои беа специфични за наводнување, со оглед на фактот дека 2024 беше сушна година, а летото имаше енормно високи температури.

„Ако во март продолжи ладниот бран може да има влијание. Како резултат на долгата суша во 2024 година и високите температури кои се задржаа долго летово и достигнаа над 42 степени кај овошни насади кои беа специфични за наводнување, оваа година ќе имаме намалени приноси“ – додава Димовска.

Според УХМР за сега ова е последен најавен студен бран со ниски температури особено во ноќните часови.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет