
Комплетирано 18. коло на ракометната Суперлига со мечот кој синоќа се одигра во Автокоманда каде лидерот Алкалоид не виде мака и со убедливи 42:30 го декласираше Бисинов од Велес.
Мартин Ивановски беше најдобар стрелец со 11 гола за Алкалоид, но и на самата средба, а за гостинот од Велес се истакна Виктор Триуфноски со седум погодоци.
Шампионот Еурофарм Пелистер се намачи во „Билјанини Извори“ против Охрид совладувајќи го со 25:27, каде „гладијаторите“ прикажаа одлична игра и можеа на крајот и да слават против битолчани.
Теимураз Орјоникидзе беше најдобар стрелец за Охрид со шест реализации, а пак за битолачни најдобар беше Хосни Оусама со седум гола.
Куманово на домашен терен го совлада Пролет, кој на овој меч беше фаворит, а таа фавортиска улога ја препушти и домаќинот со резултат од 23:21. Со овој пораз Пролет го потврди само плеј-аутот.
Најдобар стрелец за Куманово беше Давид Димевски со шест гола, кај гостинот ниту десетте гола на Давор Палевски не беа доволни за победа.
Радовиш дојде до прва сезонска радост откако на домашен терен со 33:30 ја совлада Струга, со што радовишани кои се засилени со квалитетни ракометари имаат реални шанси и за директен опстанок. Здравко Постолов со десет гола ги водеше радовишани до првото славје, а пак кај Струга исто така со десет гола се истакна Александар Стојков.
Бутел на домашен терен беше убедливо поразен од екипата на Тиквеш со резултат од 21:33. Овие две екипи го потврдуваат местото во плеј-офот. Дамјан Субашевски беше најдобар кај Бутел, а кај гостинот од Кавадарци тоа беше Евгениј Темелкоски со осум гола.
Поранешниот шампион Вардар без проблеми го совлада Прилеп на домашен терен во високи 36:25, каде Милан Лазаревски беше најдобар со осум гола, а кај гостинот тоа беше Томислав Квастек со седум гола.
На врвот е Алкалоид со 34 бодови, по 32 бода имаат Еурофарм Пелистер и Вардар, четврти е Охрид со 27 бодови, петти е Тиквеш со 20 бодови, а два помалку има Бутел кој шестти. На седмата позиција е Пролет со 14 бодови како и Прилеп, Куманово е деветти со десет бода, Бисинов и Струга имаат по шест бода, Радовиш е на дното со три бода.
Александар Ванев, М-Нет