Каршиака до победа со 15 бодови, штипски Мал Ајакс, Балкан и Кораби со важни и високи победи!

Овој викенд започна пролетната полусезона од Втората футсал лига на Македонија со натпреварите од 10. коло.

Првото пролетно коло се играше во три дена, беше отворено во петокот со големата победа на Балкан на СЕЕ Университи преку пресврт за конечни 7:8.

Во саботата Каршиака однесе висока победа од 15:2 против ланскиот прволигаш Карадаку. Салата во Студеничани беше исполнета до последното седиште за максимална поддршка на Каршиака, која ја забележа петтата сезонска победа.

Енхалон од Струга забележа голема победа од 7:1 над екипата на Кратово, а пак Конзули од Битола како домаќин играше во Демир Хисар каде со 6:3 беше подобар од тимот на Партизан Југ од Брвеница. Екипата на ССК Скопје на домашен терен претрпе пораз од екипата на Кораби од Дебар со висок резултат од 5:9.

Колото се комплетираше вчера во Прилеп, каде лидерот Мал Ајакс од Штип забележа висок и убедлив триумф од 2:6 против Победа. Во рамки на првото пролетно коло екипата на Овче Поле од Свети Николе беше слободна.

Во однос на табелата штипски Мал Ајакс е лидер и натаму со 27 бодови, втора е екипата на Балкан со 21 бод, но тимот на Балкан има меч помалку во однос на лидерот од Штип. На третото место е Кораби со 19 бодови, ланскиот прволигаш Овче Поле е четврти со 18 бодови, но и тимот од Свети Николе има меч помалку.

Екипата на Каршиака е на 5. место со 16 бодови, Енхалон е шестти со 15 бодови, на седмото место е СЕЕ Университи со 12 бодови, а толку имаат Партизан Југ и Кратово. Екипата на ССК е десетта со девет бодови, а толку имаат Конзули од Битола и Победа од Прилеп, а на дното е Карадаку со тоа што ланскиот прволигаш нема ниту еден бод.

Александар Ванев, М-Нет