
Овој викенд започна пролетната полусезона во Првата одбојкарска лига на Македонија во машка конкуренција.
Во рамки на првото пролетно коло актуелниот освојувач на Купот на Македонија, екипата на Штип УГД триумфираше против Универзитет Тетово во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип со резултат од 3:0 во сетови.
Штипските одбојкари одлично го отворија натпреварот со 25:19 во првиот сет, а всушност противникот и во овој сет пружи најмногу отпор. Во вториот сет штипјани беа доминантни и сетот го добија со 25:13, а во третиот сет Штип УГД имаше тотална доминација против Универзитет Тетово со 25:10 за конечни 3:0 во сетови.
Шампионот Струмица иако со 3:0 славеше во сетови против Работнички, сепак се намачи и во секој сет Работнички пружаше силен отпор и го намачи шампионот. Првиот сет заврши сп 26:24, вториот со 25:23, а третиот сет Струмица го доби со 25:16.
Борец стигна до лесна победа од 3:0 во сетови со доминација во сите три сетови, а пак Сушево забележа гостинска победа над Скопје од 0:3 во сетови.
Лирија и Јанта Волеј одиграа израмнет натпревар со пет сетови за конечни 3:2 во полза на тимот на Лирија.
Екипата на Весна Пробиштип одигра одличен натпревар и триумфираше на гостување кај Македонија Џио со 0:3 во сетови. Во првиот сет одбојкарите од Пробиштип беа подобри со 19:25, во вториот сет домашниот тим пружи отпор, но не успеа да го добие сетот кој заврши со 24:26 во корист на тимот од Пробиштип, а со ист резултат заврши и третиот сет.
Во однос на табелата на врвот е шампионот Струмица со 39 бодови, втор е Штип УГД со 36 бодови, на третото местое Борец со 32 бодови.
Претпоследна е Весна Пробиштип со девет бодови, а на дното е Јанта Волеј со само еден освоен бод.
Александар Ванев, М-Нет