
Македонската ракометна репрезентација ќе учествува на претстојното Светско првенство, кое ќе се одржи во Вараждин, град кој буди убави ракометни спомени за Македонија.
Македонија предводена од селекторот Кире Лазаров се наоѓа во група со репрезентациите на Унгарија, Холандија и Гвинеја, а реалните очекувања се да ја минат оваа група и да се пласираат во главната рунда, каде ќе се соочат со Франција, Австрија, Катар или Кувајт.
За да ги мотивираат нашите ракометари за добар резултат, Ракометната федерација на Македонија и Владата на Македонија најавија историски високи премии. Претседателот на Ракометната федерација, Живко Мукаетов, вети награда од еден милион денари за секоја победа, а премиерот Христијан Мицкоски ја потврди оваа награда, најавувајќи исто така премија од еден милион денари за секоја победа на Светското првенство.
Со ова, ракометарите на Македонија ќе добијат два милиони денари за секоја победа, што е дополнителен мотив за успех. Првиот натпревар нашата репрезентација го игра против Унгарија на 15 јануари, два дена подоцна следи дуелот со Холандија, а последниот меч е на 19 јануари против Гвинеја.
Светското првенство започнува на 14. јануари, а големото финале е закажано на 2. февруари, домаќини се Хрватска, Данска и Норвешка, а учество ќе земат 32 репрезентации.
Александар Ванев, М-Нет