
Започна поставувањето на типските куќички во Света Недела во Штип. Од утринава интезивно се работи со цел во наредните неколку недели да заврши поставувањето, а веќе на почетокот на наредната година граѓаните од старото нервно одделение да се преселат во нов дом. Со ова ќе се реши проблемот со станбеното прашање на повеќе од 40 семејства, но и ќе продолжат активностите на булеварот Партизанска.
„Тие се веќе изработени, во периодот кој следи, се надевам дека во наредните недели истите ќе бидат поставени на локацијата која претходно беше инфраструктурно уредена од наша страна. Проектот за типски куќи ќе овозможи некаде околу 40 семесјтва сместени кај старото нервно одделение да бидат дислоцирани во една типска населба. Согласно предвидената динамика очекувам во наредните недели истите објекти да бидат поставени, а веднаш по тоа да бидат доделени на семејствата коишто се евидентирани како лица без сопствен дом“ – кажа Јорданов.
Освен предвидени 40 типски куќи, општината од Буџетот ќе финансира поставување на дополнителни седум типски објекти, за седум семејства чии домови се наоѓаат на трасата на булеварот Партизанска. Откако сите семејства ќе се дислоцираат, потегот кај булеварот Партизанска ќе биде соодветно уреден.
„Паралелно на овој проект, се работи и на дислокација на седум објекти на станбен простор на трасата на булеварот Партизанска. И за овие седум објекти се планирани седум типски куќи кои исто така се предвидени да бидат позиционирани до овие 40. Со тоа практично ќе овозможиме булеварот Партизанска да додаде вредност во нашиот град, да го урбанизира целиот тој потег и да можат сите парцели наоколу да бидат соодветно уредени, дел за зона за домување, дел за зона за комерцијални намени“ – додава Јорданов.
Во старото нервно одделени живеат 260 лица, од кои 100 се деца. Најголем дел од нив се со статус на лица кои немаат сопствен дом и чие станбено прашање не е решено. Тие живеат во супстандардни и нехумани услови за живот. Со нивната дислокација ќе добијат топол кров над глава и ќе го решат проблемот со домувањето.
Лаура Стојанова М-Нет