
Женскиот ракометен клуб Чаир потврди дека натпреварите од осминафиналето на Европскиот куп на ЕХФ ќе се одиграат на домашен терен.
Славија Прага ќе гостува во Скопје, но има промена на местото на одигрување на натпреварите. Наместо во салата „Автокоманда“, како што беше претходно најавено, ЖРК Чаир ќе биде домаќин на двата меча во СЦ „Борис Трајковски“.
Причината за оваа промена е планираното реновирање на дел од салата на Алкалоид во скопската населба Автокоманда, кое реновирање ќе започне во јануари. Поради тоа, клубот беше принуден да ја промени локацијата и го избра СЦ „Борис Трајковски“ како опција за одигрување на натпреварите чешкиот тим.
„Последните два европски натпревари ги одигравме во салата во Автокоманда на Алкалоид, за што сме благодарни. Бидејќи салата во месец јануари ќе се реновира, ние баравме алтернатива и се решивме двата европски натпревари против Славија Прага да ги одиграме во СЦ „Борис Трајковски“, ја чекаме поддршката од сите вас за упешно да се соочиме со овој тежок предизик и да се пласираме во четвртфиналето“, велат од ЖРК Чаир.
Натпреварите меѓу ЖРК Чаир и Славија Прага ќе се одиграат на 18 и 19 јануари следната година.
Ова ќе биде голема шанса за Чаир бидејќи ги игра двата натпревари на домашен терен може да дојде до пласман во следната фаза.
Александар Ванев, М-Нет