Ќе се подобрува инфраструктурата на Градскиот стадион во Делчево – можен потенцијал за меѓународни соработки

Фудбалскиот клуб Брегалница од Делчево се врати по една година во Трета лига – Исток, со долгорочен план и стратегија од пет години.

Даниел Гоцевски во гостувањето во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија истакна дека овој петгодишен план опфаќа и подобрување на самата инфраструктура на стадионот во Делчево.

„Веќе правиме и е направен петгодишен проект кој опфаќа реновирање на дел од инфраструктурата на Градскиот стадион во Делчево, стадион кој во свое време кога беше во топ форма одиграно меѓународни натпревари. Има младински натпревари, се сеќавам јас го гледав тој натпревар Македонија со Бугарија. Имаме две трибини голем капацитет на публика може да собере, теренот моментално може да му завидат и да не речам и прволигашки екипи. Во одлична кондиција, многу добар терен, дел од трибините сега веќе во првата година ја саниравме, соблекуваланта е во следните неколку години, но како што кажав одиме чекор по чекор за се треба средства и време и трпение, не може се наеднаш да се направи“, рече Гоцевски.

Санацијата на самиот терен ќе оди чекор по чекор, а со оглед дека Делчево е погранично место како што вели Гоцевски, стадионот може да биде одлична шанса за одигрување на меѓународни натпревари, соработка, но и да доаѓаат екипи на подготовки.

„Но доколку стигнеме до тој некој чекор мислам дека Брегалница Делчево ќе има еден доста сериозен и стабилен стадион што може да се размислува, ние сме таму погранично место, пример може да се размислува и за многу посериозни проекти“, додава Гоцевски.

Брегалница Делчево настапува со свои играчи, а работи активно во младинските категории.

Александар Ванев, М-Нет