
Уште една мини катна гаража ќе се изгади во центарот на Штип. Активностите на терен веќе започнаа, а мини катната гаража ќе биде лоцирана веднаш до зграда „Промаја“ во Штип. Со истата ќе се обезбедат нови 35 паркинг места достапни за граѓаните. Општина Штип од Буџетот издвои девет милиони денари за реализација на овој проект кој е од големо значење за граѓаните. Се очекува катната гаража да биде готова на почетокот на 2025 година.
„Ова е едно од тесните грла во нашиот град и оваа локација секогаш има потреба од повеќе паркинг позиции. Местоположбата каде се наоѓа предвидената мини катна гаража е досега неискористена локација која согласно ДУП е наменета за паркирање. Повеќе од 9 милиони денари се предвидени од Буџетот за изградба на оваа мини катна гаража којашто предвидува 35 паркинг позиции. Очекувам во наредниот месец да се работи со засилена динамика и на почетокот од 2025 година штипјани да имаат уште една локација дополнително за паркирање“ – вели Јорданов.
Да се овозможат повеќе паркинг места пред сѐ во централното градско подрачје во Штип е целта на Локалната самоуправа. На тој начин ќе се олесни паркирањето како за штипјани така и за граѓаните од останатите места кои од разни причини се во Штип.
„Како што одминува времето се зголемува потребата од паркинг позиции. Целта на Локалната самоуправа е пред сѐ во централното градско подрачје да се овозможат повеќе паркинг позиции“ – додава Јорданов.
Претходно, во Штип се изградија две катни гаражи на улицата Ванчои Прќе, односно сегашното шеталиште. Во меѓувреме се работи на нови паркинг позиции на повеќе локации во речиси сите населени места во градот.
Лаура Стојанова М-Нет