Во ЖИВО на М Нет: Осогово – Саса, на М Нет Спорт: Детонит Плачковица – Башкими, сабота од 13 часот

Овој викенд гледачите на М Нет телевизија ќе имаат ексклузивна можност да проследат два натпревари од 14. коло на Втората македонска фудбалска лига.

На М Нет телевизија ќе имате можност да го проследите дербито на Осогово и Каменица Саса во Кочани, меч каде трите бодови се од капитална важност за кочанските „жетвари“ кои и оваа сезона ќе водат тешка борба за опстанок. „Рударите“ поучени од минатата сезона и тешката борба која ја имаа за опстанок, оваа сезона играат одлично и конкурираат за висок пласман. Саса ќе бара петта победа во низа против Осогово кој бара излез од резултатската криза.

Дерби кое се игра и за престиж, а каде моменталната состојба на табелата и формата одат во втор план. Овој натпревар ќе биде вистински тест за Осогово и тоа колку е подготвен за опстанок, бидејќи како што веќе анализиравме, Осогово има идеален распоред бидејќи во последното коло ќе игра против Вардарски во меч да се биде или не за опстанок во Втора лига. Натпреварот меѓу Осогово и Саса ќе може да го следите во живо само на М Нет телевизија.

На спортскиот канал М Нет Спорт ќе може да го следите натпреварот во Радовиш каде Детонит Плачковица и Башкими силно ќе атакуваат на трите бодови, ќе се надигруваат за целиот „плен“ на терен кој важи тежок за гостинските екипи, па тоа ќе биде предизвик за тимот на Баже Јанакиевски против „четата“ на Горан Здравков. Детонит Плачковица сака да конкурира одново за висок пласман, но Башкими сака Прва лига и од таа причина овој натпревар во Радовиш ќе биде повеќе од неизвесен.

Преносот на М Нет телевизија од Кочани и на М Нет Спорт од Радовиш ќе започне во 13 часот.

Александар Ванев, М-Нет