
Македонската тенисерка Лина Ѓорческа успешно го започна своето учество на ИТФ фјучрс турнирот во Селва Гардена, Италија, кој има награден фонд од 40.000 долари. Таа оствари лесна победа со 2-0 во сетови (6-1, 6-2), по 65 минути игра.
Ѓорческа беше доминантна во текот на целиот меч, освојувајќи дури двапати повеќе поени (60:37) од својата противничка, Словенката Кристина Новак. Македонската тенисерка искористи четири од шест брејк топки, додека Новак не успеа да искористи ниту една од своите четири.
Во првиот сет, после 1-1, Ѓорческа направи серија од пет последователни гема за да го заврши сетот со 6-1. Во вториот сет, иако Новак имаше водство од 1-0 и 2-1, Ѓорческа по серија од четири гема, го заврши сетот со 6-2.
Во следната рунда, најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа ќе се сретне со осмата носителка, Британката Амарни Бенкс, која ја победи полската тенисерка Урсула Радванска со 2-0 во сетови.
Александар Ванев, М-Нет