
Десеттото коло на Првата ракометна лига донесе нов висок пораз за ракометарите на Текстилец УГД, откако среде Штип претрпеа пораз од ланскиот суперлигаш Вардар Неготино со превисоки 32:44. За Вардар Неготино овој триумф беше значаен во борбата за место во плеј-офот.
Уште во првиот дел Вардар Неготино направи предост од шест погодоци за 14:20, а во вториот дел предноста се зголемуваше. На средбата во Штип за победничкиот тим по десет погодоци постигнаа Драган Кузманов и Костадин Петров, а пак за Текстилец УГД најдобар беше Филип Савев со осум погодоци, а го следеше Драган Севен со шест реализации.
Ланскиот суперлигаш Мулти Есенс со 50:28 демонстрираше моќ против Јехона на домашен терен, а пак Овче Поле запиша важен триумф против Аеродром, откако тимот од Свети Николе триумфираше со 34:31 и со тоа фаќа приклучок за плеј-оф.
Дербито на колото се играше во Богданци каде Младост со 36:30 ја доби Македонија ЃП и го превзема врвот од табелата во групата Б.
Партизан добива службена победа и службени бодови откако средбата со Шампион не се одигра, односно гостинот не допатува, а пак Драчево со 43:28 го декласираше „фенерџијата“ Преспа Вардар.
Во однос на табелата во групата А на врвот е Еурофарм Пелистер 2 со 14 бодови, Мулти Есенс е втор со 13 бодови, Металург РА е трет со 12 бодови, Овче Поле има 10 бодови за четврто место. Екипата на Јехона е на 5. место со седум бодови, Аеродром е шестти со три бодови, Кичево сега има два бодови и се наоѓа на седмото место, а на дното е Астраион од Струмица без бодови.
Во групата Б на врвот е Младост од Богданци со 14 бодови, колку што има Скопје кој е втор со ист број на бодови, Македонија ЃП е трета со 13 бодови, Драчево е на 4. место со 12 бодови, а пак Вардар Неготино е на 5. место со 11 бодови.
Шампион е шестти со 7 бодови, Партизан е на седмото место со шест бодови, Текстилец УГД од Штип е претпоследен со два бодови, а пак Преспа Вардар е на дното со минус еден бод.
На екипите на Кичево, Преспа Вардар и Шампион и се одземени по еден бод поради неодиграни натпревари.
Александар Ванев, М-Нет