Во Битола дерби под рефлектори на Пелистер со Шкендија, Брера против Струга, Вардар гостува во Охрид!

ФОТО: ФК Пелистер

В недела ќе се одиграат натпреварите од 15. коло од Првата македонска фудбалска лига. Се враќаат прволигашите на фудбалските терени по завршувањето на репрезентативната пауза.

На три кола до крајот на есенската полусезона претстојат интересени и неизвесни натпревари кои би можеле да направат промени на табелата.

Брера Струмица на домашен терен ќе го пречека шампионот Струга, во меч каде двете екипи силно ќе атакуваат на трите бодови. Струга сака триумф за искачување кон врвот, а пак Брера Струмица со триумф може да скокне до шесттото место.

Гостивар како фаворит на домашен терен ќе игра против Тиквеш, во меч каде гостинот до Кавадарци го очекува тежок меч во обид да остане непоразен против Гостивар кој сезонава сака титула и излез во Европа.

Работнички заборави да победува, а тоа го спушти од првото на четвртото место на табелата, веќе в недела „романтичарите“ ќе бараат враќање на победите против Беса од Добри Дол.

На последните пет натпревари Работнички има една победа, потоа следуваа три ремија во нижа и еден пораз.

Разнишаниот Шкупи на домашен терен ќе игра против расположениот и разигран Силекс. Домашниот терен ќе биде предност за Шкупи, додека пак Силекс кој е во одлична форма атакува на нови три бодови на тешкиот терен во Чаир.

Воска Спорт на „Билјанини Извори“ го пречекува Вардар, во обид за нов триумф на охриѓани над вардарци, а пак Вардар сака да врати за поразот во Скопје. Во секој случај ова ќе биде дуел од долниот дел каде и двете екипи сакаат три бодови за излез од опасната зона.

15-тото коло ни носи нов меч под рефлектори во Битола, Пелистер овој пат ќе игра дерби со Шкендија, а интересот одново е голем, со што Пелистер ќе има одново максимална поддршка како против Вардар, за нов триумф овој пат против поранешниот шампион од Тетово. Натпреварот во Битола стартува во 17 часот, а сите останати во 13 часот.

Александар Ванев, М-Нет