
Како што информираше М Нет телевизија, претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини си поднесе оставка, а до крајот на годинава треба да биде избран неговиот наследник.
Сејдини по оставката преку соопштение вели дека заминува горд од оваа функција преку испишување на златни страници во македонскиот фудбал.
„По 7 извонредни години исполнети со историски достигнувања, решив да се повлечам од позицијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Оваа одлука е резултат на моето размислување дека дојде момент за промена, по период што ќе остане запаметен како најуспешен во историјата на нашиот фудбал. Заедно со вас, напишавме златни страници за македонскиот фудбал: историското учество на Европското првенство ЕУРО 2020, второто место во квалификациската група за Светското првенство и незаборавната победа над Италија во Палермо, успесите во Лигата на нации со премин во Лига Б и реализацијата на бројни инфраструктурни проекти во соработка со УЕФА и ФИФА. Ја напуштам оваа позиција со гордост и огромна благодарност до сите кои придонесоа за овие успеси: фудбалерите, селекторите, клубовите, инвеститорите, администрацијата, Управниот Одбор и секој љубител на фудбалот. Јас ќе продолжам да ја извршувам својата улога до 22 декември, кога на Вонредно Собрание ќе биде избран мојот наследник. Со целосна верба во иднината на Федерацијата и македонскиот фудбал, од срце ви благодарам за поддршката и соработката во изминатите години.“
До крајот на годината треба да биде избран наследникот на Сејдини.
Александар Ванев, М-Нет