ФК Вардар бара промена на комесарот за делегирање судии и воведување на ВАР

ФОТО: Телевизија М Нет

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар преку официјално соопштение до јавноста адресирано до претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини, до УО на ФФМ и до Судиската организација, но и до медиумите, бара промена на комесарот за делегирање на судиите, но исто така, побара воведување на ВАР технологија за следната сезона.

„Со оглед на многуте гласни коментари на повеќето клубови од Првата и Втората фудбалска лига, ние како ФК Вардар започнуваме иницијатива за ИТНА смена на комесарот за делегирање на судии, Марјан Ристески. Воедно како клуб за неуспесите и поразите вината прво ја гледаме во сопствените редови, но по консултација со стручни лица и со оглед на фактите од изминатите тринаесет кола, може да се констатира дека Вардар е најоштетен во однос на судиските грешки. Ние никогаш јавно не излеговме со соопштенија и реакции за разлика од други клубови кои со мизерни реакции се обидуваат да ги негираат нашите победи. Ние како клуб оставаме на телата и органите на ФФМ да си ја работат работата и да ја покажат својата стручност околу грешките и спорните моменти. Поради ова бараме и од останатите клубови поддршка на оваа иницијатива за ИТНА смена на комесарот за делегирање на судии и радикални ставови на сите клубови за воведување на ВАР технологија за следната сезона. Промената на раководството на судската асоцијација, поточно барањето за разрешување на Марјан Ристески, се припишува на неколку фактори, вклучувајќи ги проблемите кои гласно ги посочуваат клубовите од македонскиот шампионат по секое натпреварувачко коло и потребата за иновации од организацијата. Промените се бараат за поголема усогласеност со промената кон поголема транспарентност и одговорност, вкучувајќи значително учество на членовите во изборот на наследник кој ќе го води со фокус на модернизирање и зајакнување на судискиот систем“, се вели во соопштението на ФК Вардар.

Екипата на Вардар во претходното коло славеше над Шкупи со 3:2 и со тоа им се врати на победите, на своето конто има 11 бодови и се наоѓа во опасната зона.

Александар Ванев, М-Нет