
Тиверија Брера со убедлива победа од 0:11 го декласираше тимот на Речица на гостински терен, во рамки на 11. коло од Првата женска фудбалска лига, каде практично победата беше очекувана за струмичкиот тим.
Гоја и Панеска постигнаа по три погодоци во убедливата победа на Тиверија Брера, Николовска беше двоен стрелец, а по еден гол постигнаа Јосифова, Недева и Илиева.
Висока победа носи и екипата на Каменица Саса од 4:0 против битолски Топ Гол, во меч каде „рударите“ беа апсолутни фаворити за осмо сезонско славје. Искусната голгетерка Ана Димитровска постигна хет-трик и практично сама реши тимот кој преку бараж опстана во Првата лига, а еден гол беше дело на Ева Андонова.
Атлетико се израдува на втора сезонска победа откако со 2:1 во Битола славеше на струшки Ас Јунајтед. Симона Тасева постигна гол за рано водство, а пак голгетерката Улза Максути погоди за 1:1. Кристина Велјановска постигна гол за конечни 2:1.
Љуботен со 1:4 славеше висока и убедлива победа над Скопје на гостински терен, во триуф каде за шампионот од Тетово стрелци беа Валбуена Новоа, Видал Исаза, Хава Мустафа и Марковска, додека пак за Скоппје гол постигна Трендова. Во рамки на оваа коло слободна беше екипата на Истатов.
Тиверија Брера е прва со 28 бодови, колку што има и Љуботен со тоа што шампионот е Втора, а пак Саса е трета со 24 бодови. Скопје е четврти со 18 бодови, а пак Истатов петти со 10 бодови.
Атлетико е шести со седум бодови, Ас Јунајтед е седми со шест бодови, Топ Гол осми со пет бода, Речица е претпоследна односно во бараж зоната со три бодови, формално на дното откажаната Шкендија.
Александар Ванев, М-Нет