Карбинци ја совлада Слога Виница, лидерот и фаворит со прв пораз, во Свети Николе немаше победник во дербито на колото!

Карбинци успеа прв да ја совлада Слога Виница, со што лидерот и фаворитот за баражот за Втора лига го претрпе првиот сезонски пораз, откако беше поразен со 2:1. Натпреварот го одбележаа неколку моменти. Гостинот од Виница прв дојде до водство преку Игор Ѓоргиев, а пак Карбинци преку Мирче Натков со гол од пенал израмни на 1:1. Во вториот дел младиот голман на Карбинци, Филип Гигов му го одбрани пеналот на Кристијан Ристовски, а во финишот Бобан Стојанов со еврогол ја шокираше Слога Виница за конечни 2:1.

Во дербито на колото меѓу Овче Поле и Брегалница Делчево кое се играше во Свети Николе немаше победник, исходот беше 1:1 и поделба на бодовите, а пак некогашниот прволигаш Хоризонт Турново во судиското надополнување ги загуби трите бодови откако Ударник постигна гол за 1:1.

Малеш на домашен терен со 3:1 славаше над Тиверија со што домашниот тим дојде до трето славје, а пак струмичани го запишаа шестиот пораз. Дојранско Езеро со 2:1 славеше победа над Светлост од Зрновци на домашен терен.

Во однос на табелата Слога Виница е лидер со 21 бод на своето конто, а пак Овче Поле останува втор со 17 бодови. Брегалница од Делчево е трета со 14 бодови, на дното е Ударник со четири бодови.

Александар Ванев, М-Нет