В недела ќе се освети црквата „Свети Наум Охридски“ во Стар Караорман во Штип

В недела ќе се освети црквата „Свети Наум Охридски“ во штипската приградска населба Стар Караорман. Осветувањето ќе биде со почеток од 7:30 часот, а ќе ја освети митрополитот брегалнички, господин Иларион. Црквата се градеше изминатите шест години за денеска да го добие посакуваниот изглед. Таа е од големо значење пред сѐ за жителите од Караорман, но и за сите останати. Претседателот на црковниот одбор, Борче Стојанов, упати покана до сите кои сакаат да бидат дел од настанот да дојдат и да ја посетат црквата.

„Во село Караорман во недела со почеток во 7:30 часот ќе се освети црквата Свети Наум Охридски. Ги повикуваме сите верници, пријатели од цела Македонија кои сакаат да присуствуваат на овој свечен чин. Осветувањето ќе го изврши Иларион. Со црковниот одбор имавме голема желба, вложивме голем труд, помагнаа многу граѓани и ја изградивме. Почнавме од 2018 година и активно работевме и завршивме ја“ – вели Стојанов.

Црквата активно се градеше од 2018 година, со помош на донации од граѓани, како од Караорман така и од Штип. Иницијатива прераснала во голема желба со цел и ова населено место да добие убава и модерна црква. Таа е изградена согласно црковните одредби, а целта е по осветувањето овде да се прават голем број венчавки, крштевки и слично.

„Преголем мерак и заедно со мајсторите од Албанија ја направивме најдобрата според нас црква. Очекуваме да има венчавки, крштевки на деца, за убави работи ја правивме“ – додава Стојанов.

Во периодот кој следи по осветувањето треба да се уреди дворното место и да се направи канбанаријата, ама како што вели Стојанов тие продолжуваат со работа за целосно завршување на црквата.

Лаура Стојанова М-Нет