Протест на над 80% од вработените во СОУ „Ванчо Прке“ Виница заради назначувањето нов в.д. директор

Над 80% од вработените во средното општинско училиште „Ванчо Прќе“ во Виница денеска излегоа на мирен протест. Причина за бојкот на наставата е разрешувањето на стариот директор и назначување на нов в.д. директор. Како што посочуваат изминатите години биле изложни на мобинг, уцени и закани од страна на сега назначената нова директорка и бараат ваквата одлука од страна на градоначалникот да биде променета. Во спротивно најавуваат дека бојкотирањето на наставата ќе продолжи и во наредниот период.

„Ние како колектив со над 80% одлучивме да бојкотираме настава за нерегуларна смена на директорот, но уште поголема причина за револт е назначувањето на лице против кое се водат активно постапки за мобинг кон вработените. Државниот просветен инспекторат констатираше дека трпиме константно насилство, мобинг, уцени, притисоци и закани. Сметаме дека градоначалникот Миле Петков создава услови за непотизам во нејзиното назначување и нарушување на училишната интима и угледот на училиштето, а не ја почитува ниту одлуката на училишниот одбор“ – вели Здравкова.

Утринава 50 вработени од вкупно 65 биле на средба кај градоначалникот на Општина Виница. Но, велат промени нема. За одлуката и назначувањето на новата в.д. директорка став и одговор побаравме и од градоначалникот Петков. Тој вели дека се констатирани неправилности во работењете кај претходниот директор затоа е разрешен и е назначен нов.

„Донесовме одлука, решение за разрешување на стариот директор заради утврдените неправилности. Согласно Законот за средно образование назначивме нов в.д. дитректор, не подолго од шест месеци и тоа кандидат кој ги исполнува сите услови за директор. Моментално во гимназијата Ванчо Прке има двајца кандидати и директорот кој ги исполнуваат условите“ – вели Петков.

Петков посочува дека постапил согласно Законот за средно образование и дека станува збор за времено решение. Во наредниот период вели дека ќе има јавен оглас на кој може да се пријават сите кандидати кои ги исполнуваат условите.

Лаура Стојанова М-Нет