
Утре ќе се одиграат натпреварите од 5. коло на Втората женска фудбалска лига.
Петтата рунда носи натпревари каде фаворитите треба лесно да стигна до посакуваната цел, односно освојување на трите бодови.
Вардар како голем фаворит на домашен терен ќе игра против Порече од Македонски Брод. Екипата на Вардар која лани не го помина баражот за влез во Прва лига и во новата сезона ќе атакува на првото место кое води директно кон Прва лига, но овој пат борбата ќе биде со Кочани. Екипата на Порече на тешкото гостување во Скопје оди по изненадување.
Билјанини Извори на домашен терен во Охрид ќе се соочи со Победа Валандово каде домаќинот ќе биде фаворит за трите бодови. Ова ќе биде дуел каде Билјанини Извори силно атакува на трите бодови и сака да се вмеша барем во трката за второто место и баражот, а гостинот од Валандово оди во Охрид со цел да остане непоразен.
Кочани на домашен терен ќе го пречека составот на дебитантот Слободен во натпревар каде непоразениот лидер Кочани е апсолутен фаворит за нова висока и убедлива победа. Квалитетот прави голема разлика помеѓу овие две екипи, а Кочани сака враќање во фудбалската елита на Македонија во женска конкуренција.
Плачковица во Радовиш ќе го пречека Борец каде домаќинот ќе биде фаворит за трите бодови, а пак гостинот од Велес во новата сезона тргна катастрофално. Има четири порази од толку натпревари со само три постигнати погодоци, а примени дури 37 гола.
Сите натпревари ќе започнат во 15 часот, освен мечот меѓу Вардар и Порече кој ќе стартува во 12 часот.
Александар Ванев, М-Нет