
Викендот ќе се одиграат натпреварите од 2. коло на Првата кошаркарска лига на Македонија, а во рамки на оваа рунда дербито на колото ќе се одигра во Битола меѓу Пелистер и МЗТ Скопје Аеродром.
Во меѓусебните дуели доминираат аеродромци, а целиот „плен“ ќе биде императив и на двете страни.
Гостивар на домашен терен ќе се соочи со ТФТ Скопје во израмнет меч на двете екипи за второ сезонско славје. ТФТ Скопје има триумф во поселдните три меѓусебни дуели, а Гостивар последно славел на 22. октомври 2022 година на домашен терен. Традицијата вели дека треба да има неизвесен меч.
Новиот прволигаш Куманово на домашен терен ќе се соочи со Тиквеш во натпревар каде и двете екипи ќе ја бараат првата сезонска победа. Куманово ќе се потпира на домашниот терен, во меч каде гостинот од Кавадарци ќе биде благ фаворит.
Шкупи со голем пораз ја започна новата сезона откако беше декласиран на свој терен од шампионот МЗТ Скопје Аеродром, а в сабота ќе бара рехабилитација и триумф против Работнички, каде исто така за домаќинот ќе биде тежок меч, бидејќи Работнички ќе биде голем фаворит.
Колото ќе се комплетира в недела, со меч каде Феникс ќе биде домаќин на Чаир, во натпревар каде домаќинот ќе атакува на прв триумф, а Чаир ќе сака два од два на стартот од новата сезона.
В недела во Гевгелија ќе се соочат поразените екипи од првото коло Кожув против Вардар каде домаќинот ќе биде фаворит за прво славје против скопскиот тим.
Александар Ванев, М-Нет