Осогово го „здроби“ Кеги Моби, Проект со „петарда“, шампион Форца ја „искина“ мрежата!

Првото воведно коло од Првата футсал лига на Македонија донесе многу погодоци и убедливи победи и едно реми.

Актуелниот шампион Форца одбраната на титулата ја започна на домашен терен откако со 11:1 го декласираше тимот на Железарец, кој не можеше да парира на пресилниот тим на Форца, кој и во новата сезона ќе биде главен кандидат за двојната титула.

Иван Крстевски во 4. минута постигна гол за 1:0, а по една минута Дарко Цветковски израмни на 1:1. До крајот на првиот дел резултатот беше 4:1, а во второто полувреме Железарец буквално се распадна и немаше капацитет да парира и да го запре налетот на пресилниот тим на Форца.

За екипата на Форца во листата на стрелци покрај Крстевски се запишаа и Камило Андрес Гомез Венегас, Даниел Марино Де Соуза и Зоран Левески со по два гола, а по еден гол постигнаа Кристиан Аберто Беррио Хојос, Таулант Исмаили, Берат Рамадани и Луис Конзало Посадо Куитеро.

Осогови на домашен терен го декласираше Кеги Моби кој немаше можност да се надигрува со одличниот Осогово во меч каде за домашниот тим стрелци беа искусниот Адријан Мицевски, Кристијан Рисотвски и Никола Стојмировски со по еден гол, а пак по два гола постигнаа Давид Ристовски и Виктор Димков.

Повратникот во Првата лига, екипата на Проект одлично ја отвори новата сезона во елитата откако со 0:5 ја декласираше Црна Река среде Кавадарци.

Марио Благојевски беше двоен стрелец, а двоен стрелец беше и Димитар Јанев, додека пак еден гол постигна Трајче Трајков.

Натпеварот меѓу Бутел и Клими од Кавадарци заврши без победник со четири гола за конечни 2:2, а Јувентус Серава на домашен терен загуби со 1:6 од Шкупи.

Александар Ванев, М-Нет