Учениците во ООУ „Страшо Пинџур“ во Крупиште наместо на дрва ќе се греат на парно

Учениците во подрачното училиште „Страшо Пинџур“ во село Крупиште ќе се греат на парно греење. Старите шпорети на дрва заминуваат во историјата, посочи денеска градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов. Додаде дека се работи на тековен проект во соработка со министерството за образование и наука. На овој начин се подобруваат условите за работа на наставниците, но и начинот на следење на настава за ученците.

„Од денес почнуваме со реализација на уште еден проект кој е поврзан со образованието или основното училиште „Страшо Пинџур“ во село Крупиште. Се работи за проект кој ќе значи целосна промена на начинот или системот на загревање. Ова е еден тековен проект кој го реалзираме, финансиран целосно од МОН. Се работи за парно греење кое ќе биде целосно по принципот на загревање со пелети. Ги тргаме оние стари системи на греење со огревно дрво. Работиме тековно на реализација на ваквите проекти“ – вели Паунов.

Освен училиштето во Крупиште, начинот на загревање ќе биде порменет во сите девет подрчани училишта на територија на Општина Карбинци. Во наредниот период наместо на дрва, на парно ќе се греат и учениците во подрачните училишта во подплачковичките села.

„Да напоменам дека основното училиште „Страшо Пинџур“ има девет подрачни училишта во девет населени места. Оние во делот на плачковичкиот регион ќе бидат предмет на реализација на промена на оној стар начин на загревање со огревно дрво.“ – додава Паунов.

Проектот во подрачното основно училиште во село Крупиште е вреден 1.5 милиони денари, пари кои се обезбедени од страна на Министерството за образование и наука.

Лаура Стојанова М-Нет