
Утре ќе се одиграат натпреварите од четвртата рунда на Третата македонска фудбалска лига – Исток.
Дербито на колото ќе се одигра на „Кукуш“ каде ќе се соочат некогашниот прволигаш Хоризонт Турново и непоразениот лидер Слога од Виница. Натпревар каде трите бодови се императив и за двете екипи. Слога Виница во новата сезона сака да го освои првото место кое води кон баражот за Втора лига, а поранешниот вицешампион на Македонија кој играше и квалификации за Лига Европа полека сака да изгради млад тим за враќање најпрво во Втората лига.
Светлост во Зрновци ќе го пречека тимот на Брегалница од Делчево, во меч каде ланскиот шампион во ОФЛ Кочани, Светлост, ќе ја бара првата победата како третолигаш, против Брегалница од Делчево која е повратник во Трета лига – Исток, која ќе сака втора сезонска победа.
Ударник на домашен терен ќе го пречека тимот на Тиверија од Струмица, меч на две екипи за втор сезонски триумф.
Дојранско Езеро и Малеш од Берово не тргнаа како што посакуваат во новата сезона, двете екипи ќе се соочат во Дојран каде ќе ја бараат првата победа во новата сезона. Домаќинот има две ремија и еден пораз, а пак тимот од Берово има реми и два порази и со еден бод е на дното.
Неизвесен дуел се очекува меѓу Карбинци и Овче Поле од Свети Николе каде трите бодови се цел и на едните и на другите. Карбинци тргна одлично со една победа и две ремија и собра пет бодови и се наоѓа на 4. место, а пак тимот од Свети Николе има седум бодови со скор од две победи и едно реми.
Натпреварите ќе стартуваат во 14 часот.
Александар Ванев, М-Нет