
Во недела на програмата се натпреварите од третата рунда на Првата женска фудбалска лига. Во Битола повратникот Атлетико ќе ја пречека Тиверија Брера во меч каде струмичанки ќе ја имаат улога на фаворити за трите бодови.
Тиверија ќе атакува на трета победа во низа и нови три бодови, а пак Атлетико на прв сезонски триумф и на први бодови.
Скопје 2014 на домашен терен ќе игра против екипата на Ас Јунајтед од Струга во меч каде трите бодови се императив и за двете страни. По две одиграни кола двете екипи имаат пораз и победа, а сега ќе атакуваат на втор сезонски триумф.
Каменица Саса на домашен терен како фаворит ќе игра против екипата на Истатов. Ланскиот вицешампион во новата сезона влегува со цел атак на шампионската титула, па за нив трите бодови се единствена цел во мечот против Истатов.
Речица не тргна според посакуваното запиша два големи порази од Саса со 8:0 и Тиверија Брера од 12:0, но факт е дека овој тим имаше тежок распоред на стартот од сезоната. Сега на домашен терен ќе игра против Топ Гол од Битола во меч каде и двете екипи ќе ги бараат првите бодови. Топ Гол лани преку бараж се избори за опстанок, а на стартот од новата сезона битолскиот тим загуби со 4:0 од Скопје, додека пак во второто коло одмараше бидејќи требаше да игра со Шкендија.
Во рамки на третата рунда шампионот Љуботен ќе одмара бидејќи требаше да игра со Шкендија.
Сите натпревари ќе започнат во 16:30 часот, освен мечот во Македонска Каменица кој ќе започне во 16 часот.
Александар Ванев, М-Нет