Основното училиште „Панајот Гиновски“ во општина Бутел е едно од 30 училишта во државава што добиваат квалитетни услови за настава по физичко и здравствено образование и за спортски тренинзи преку проектот за рехабилитација на објекти за физичко образование и набавка на спортска опрема во основните и средните училишта, кофинансиран од Министерството за образование и наука, Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Развојната банка на Советот на Европа (CEB).
На настанот „УЧИ, ИГРАЈ, РАСТИ“, на кој беа претставени резултатите од проектот, министерка за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска посочи дека партнерските организации, кои искрено ја поддржуваат државата на патот кон европска интеграција, помагаат да ги унапредиме условите во училиштата.
„Тоа многу ни значи. На образованието даваме висок приоритет бидејќи е еден од темелите на развојот на секое општество и најважната инвестиција во иднината на една држава. А тој темел има повеќе компоненти. Една од нив е образовната инфраструктура. Училиштето треба да биде место во кое учениците со задоволство доаѓаат, место каде се чувствуваат сигурно, прифатено и мотивирано да учат, да се развиваат и да го достигнат својот целосен потенцијал“, рече Јаневска.
Покрај инвестициите во спортски училишни капацитети, министерката Јаневска нагласи дека во изминатите две години од страна на Владата се реализирани или се во фаза на реализација уште 90 проекти во образовната инфраструктура во многу општини.
„Имаме уште многу работа. Не смееме да го заборавиме ниту едно училиште и ниту една локална заедница. Ќе продолжиме да делуваме чекор по чекор, со поддршка од партнерите и со јасна цел – секое дете да има квалитетни и достоинствени услови за образование“, посочи министерката Јаневска.
На настанот се обратија и евроамбасадорот Михалис Рокас, амбасадорите на Италија, Шпанија и Франција – Паоло Палминтери, Рафаел Сориано Ортиз и Кристоф Ле Риголер, како и вице-гувернерот на Банката за развој на Советот на Европа, Томас Бочек. Изразија задоволство од постигнатите резултати преку проектот и упатија заедничка порака дека вложувањата во образованието, особено во инфраструктурата не смеат да запрат.
Присутните беа поздравени и од градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски, директорката на училиштето Благородна Сотиров, кои се заблагодарија што преку проектот токму и основното училиште „Панајот Гиновски“ беше опфатено со реконструктивни активности.
Проектот „Рехабилитација на објекти за физичко образование во основните и средните училишта и набавка на спортска опрема во Република Северна Македонија“, кофинансиран од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Развојната банка на Советот на Европа (CEB) започна да се реализира во 2024 година и до целосно завршување на сите градежни работи ќе чини околу 3 милиони евра.
Текстот Три милиони евра за подобри спортски услови во 30 основни и средни училишта е превземен од МАКФАКС.