
Ракометниот шампион Еурофарм Пелистер за новата сезона во Суперлигата го претстави пивотот Самоил Ристевски како најново засилување. Станува збор за младински репрезентативец, кој има 18 години, а има искуство во Суперлигата настапувајќи за Еурофарм Пелистер 2.
Актуелниот шампион кој одбраната на титулата ја започнува во Кавадарци против Тиквеш добива уште едно име на позицијата на која играат Жарко Пешевски и Кајо Цикатиќ.
Средниот бек Велимир Грујовски наместо во Радовиш е претставен како ново засилување во Куманово. Грујовски минатата сезона го носеше дресот на Вардар Неготино, но паузираше подолг период поради повреда, а претходно настапуваше за Скопје и младинските категории на Вардар.
Грујовски одигра и еден пријателски меч за Радовиш, но сепак двете страни не се договорија за офоцијална соработка за новата сезона, па Грујовски беше претставен како нов играч на суперлигашот Куманово.
Ново име во Радовиш е десното крило Виктор Марковиќ, кој во редовите на повраникот Радовиш доаѓа од екипата на Аеродром, а претходно го носеше дресот на Јехова.
Во Радовиш претходно беа претставени левото крило Славе Јанковски, средниот бек Петар Стојаноски и левиот бек Марко Стојанов, а пред враќање во својот поранешен клуб е десното крило Филип Трајанов, а во следниот период и официјално треба да биде потврдена соработката со радовишанецот.
Новата сезона во Суперлигата екипата на Радовиш ја отвара на домашен терен против Охрид.
Александар Ванев, М-Нет