
И годинава планинарскиот спортски клуб Осогово со поддршка од Општина Кочани и Федерацијата на планински спортови го организира вториот меморијален планинарски марш „Стамен Каровски 2024“. Маршот ќе се одржи на 25 Август со искачување на највисокиот врв на Пониква, врвот Панаѓур со 1669 метри надморска височина на Осоговските планини. Акцијата започнува од паркингот на туристичкиот локалитет Пониква и движењето се одвива по маркирана планинарска патека, која над 80% поминува низ букова шума. Последните 500 метри до врвот движењето е по пасиштен терен. Должината на патеката е девет километри и е од лесен карактер.
Од спортско планинарскиот клуб информираат дека потребна е задолжителна пријава, а пријавувањето е во тек и трае до 23 авуст 2024 година.
Сите пријавени треба да имаат соодветна опрема, планинарски обувки со тврд ѓон, облека според најавата за временска прогноза, очила за сонце, капа/шешир, кабаница, крема за заштита од сонце, планинарски стапчиња. Исто така посочуваат дека секој учесник мора да има соодветна психофизичка подготвеност за искачувањето и учествува на сопствена одговорност
Овој марш кој се организира втора година по ред го чува споменот на Стамен Каровски, кој кај народот е познат како каратист на кочански Партизан и битолски Пелистер, а со планинарството почнал да се занимава пред околу една деценија. Тој има искачено повеќе од 50 врвови меѓу кои и шесте највисоки.
Лаура Стојанова М-Нет