
Ерџан Селман од село Селце штипско повеќе од 40 години се занимава со одгледување и проозводство на тутун. Сега тутунот е во фаза на сушење вели, за потоа да може да се продаде. Задоволни се од квалитетот оваа година, па вели очекува и добра цена. Тутунот во денешно време не е тежок за работа, дециден е тој оти се се прави машински. Со помош на машина се сади, така се ниже, се суши и се продава. Потребно е само доволно сонце и вода за квалитетен тутун. Најважниот дел е одгледувањето на расадот.
„Сега го сушеме, па чекаме некое време за да може да се калпи. Со машината го нижеме тутунот. Не е тешко да се работи, оти се е машински.“ – вели Селман.
И иако од една страна последните две години квалитетот и цената се добри, од друга страна нема кој да работи. Младите немаат интерес да се занимаваат со земјоделие и со одгледување на тутун вели Селман, па работат само повозрасните. Вели за нив денот почнува во три часот после полноќ, додека температурите се пониски и додека може да се бере тутунот. Потоа следуваат сите останати активности околу истиот.
„Немаме кој да работи, жената не може веќе, уште оваа година, догодина не знам дали ќе садеме. Младите немаат мерак да работат тутун.“ – додава Селман.
Ерџан со производство на тутун се занимава од мали нозе, како што вели тој уште кога бил дете почнал да работи во нивите заедно со неговото семејство. Ако некогаш секое второ семејство егзистениција гледало во производството на тутун денеска вели едвај неколкумина се занимаваат со оваа земјоделска гранка.
Лаура Стојанова, М-Нет