Алкалоид ги започна подготовки за новата сезона, претставени четири засилувања

Освојувачот на Купот на Македонија, екипата на Алкалоид ги започна подготовките за новата сезона од ракометната Суперлига, но и за ЕХФ Купот.

Кирил Лазаров ги собра ракометарите во спортската сала во Автокоманда каде беше одржан и првиот тренинг, а со тоа се означи и стартот на подготовките.

Според планот за подготовките Алкалоид ќе биде во Скопје до 3. август, а потоа заминува на десетдневни подготовки во Маврово.

Првиот контролен натпревар е закажан за 17. август против Врање од Србија, а од 20. до 24. август Алкалоид ќе биде дел од турнирот „Крсте Андоновски“ во Охрид, каде момците на Лазаров ќе ги одмерат силите со Динамо Панчево од Србија на 20. август, Олимпијакос од Грција на 22. август и Ловќен од Црна Гора на 23. август, а на последниот ден од турнирот ќе се играат натпреварите за пласман.

Алкалоид ги промовираше голманот Марко Кизиќ, Никола Костески, Михаил Иваноски и Франциско Оливеира Да Силва.

Голманот Кизиќ има 23 години тој е долгогодишен репрезентативец на Македонија во сите категории, а во Автоманда доаѓа од шампионот Еурофарм Пелистер, а има настапувано и за Вардар.

Костески е 31-годишно десно крило, искусен ракометар и репрезентативец на Македонија, а последната сезона ја помина во чешки Плзен, а во својата кариера има настапувано и за Холабрун и Линц од Австрија, Татран Прешов од Словачка, Ешкишехир од Турција, а во Македонија настапуваше за Металург и Борец.

Иваноски е 21-годишен десен бек млад ракометар кој доаѓа од редовите на Мулти Есенс, екипа која лани имаше дебитантска сезона во Суперлигата, но испадна експресно.

Португалецот Да Силва има 25 години и има како лев и среден бек. Португалскиот интернационалец доаѓа од редовите на унгарски Егер, а претходно има настапувано за Гвадалахара во шпанската АСАБОЛ-лига како и за Виторија и Брага во Португалија.

Александар Ванев, М-Нет